Првпат објавено: "Health Care vs. the Profit Principle", Common Dreams, Jul 13, 2007;
Извор: L'Ami du Peuple“;
Превод: Томислав Захов (корекции: Здравко Савески)
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2026
Секогаш е убаво да се види Претседателот кога зазема принципиелен став за нешто. Човекот порано познат како „43“, а сега можеби подобро именуван „29“ заради неговиот рекорден рејтинг, ветува битка против кое било проширување на владино здравствено осигурување за деца – и не поради тоа што тој ги мрази децата или одбива да ги искашлува фондовите. Не, ова е битка за принцип: приватна здравствена нега наспроти владино-обезбедена здравствена нега. Зборувајќи во Кливленд оваа недела, Буш дрско тврдеше:
„Остро се противам на преземањето поттикнувања од страна на владата за луѓето да ја напуштат приватната медицина, приватната здравствена нега и да се свртат кон јавниот сектор. И мислам дека тоа е неправилно и мислам дека е грешка. И поради тоа, ќе се спротивставам на обидот на Конгресот … да се федерализира медицината … Според мојата проценка тоа би било – тоа би водело не кон подобра медицина, туку кон полоша медицина. Тоа би водело не кон повеќе иновативност, туку кон помалку иновативност.“
Сега, вие не мора да сте го гледале „Болчо“ (Sicko) за да знаете дека доколку постои некоја област од човечкото делување каде што приватното претприемништо не функционира, тоа е здравствената нега. Размислете за приватната, профитно-поставената осигурителна индустрија што Буш е толку одлучен да ја брани. Кои „иновации“ ги произвела таа? Придонесите, кофинансирањето и здравствената состојба што не се покрива со осигурувањето се единствените што паѓаат на ум. Генерално, големиот успех на приватно-здравствената осигурителна индустрија бил да го изопачи значењето на „осигурувањето“, кое е споделување на ризикот: Сите ние вложуваме некои пари, иако само некои од нас ќе имаат потреба да извлечат од заедничкиот влог, користејќи скапа здравствена нега. А осигурителните компании го изопачиле тоа, одбивајќи да ги осигурат луѓето на кои најмногу им треба негата – оние кои се веќе, или е веројатно да станат, болни.
Еднаш се обидов да ѝ објаснам на една Норвежанка зошто за мене е тешко да најдам здравствено осигурување. Имав рак на дојка, ѝ кажав, а таа ме погледна безизразно. „Но, тогаш тебе навистина ти треба осигурување, така?“ Се разбира, и затоа јас не можев да го имам.
Тоа не е затоа што раководителите на здравственото осигурување се позлобни од другите луѓе, иако не ја исклучувам оваа можност. Тоа е само што тие водат бизнис, чија цел не е да ги направи луѓето здрави, туку да се заработат пари, а тие го прават тоа многу добро. Еднаш, пред многу години, му се пожалив на левичарскиот економист Пол Свизи дека Америка нема вистински здравствен систем. „Ние имаме многу добар систем“, одговори тој, „само што тоа е систем за да прави нешто друго“. Систем, како што можеби би се изразил денес, измислен за да се извлечат пари од ранливите и тие да се стават во џебовите на богатниците.
Но, да не ги земам на пик само осигурителните компании, иако тоа не би ми сметало – со посебно дизајниран остар инструмент, во период од неколку години. Во неделата „Лос Анџелес Тајмс“ опиша посебно морничав случај на медицинско профитерство во обликот на еден д-р Прем Реди, кој поседува осум болници во јужна Калифорнија. Не му завидувам на удобниот живот на ниеден лекар – лекарството е тешка работа – но д-р Реди живее во палата од 15.000 квадратни стапки, што има тоалети со златни плочки, и поседува друг дом, проценет на повеќе од 9 милиони долари, во Беверли Хилс, како и хеликоптер за патување од 1,4 милиони долари.
Тајната зад неговото богатство од 300 милиони долари? Во прв ред, тој ја одбива стандардната болничка пракса на склучување договори со осигурителни компании, бидејќи чувствува дека овие договори неоправдано ги ограничуваат неговите надоместоци. (Во борбата помеѓу Аетна и Реди, би било тешко да се одлучите за која страна да навивате.) Покрај тоа, тој ги отстранил многу потребните услуги како хемотерапијата, центарот за породување и здравствената нега за ментални болести како недоволно профитабилни. А неговите болници се на лош глас поради одбивањето да лекуваат неосигурени пациенти, како еден пациент со болест на бубрег и 16-месечно бебе со изгоретина.
Но, д-р Реди – кој е, случајно, многу моќен републикански донатор – има принципиелно објаснување за неговите пиратски практики. „Пациентите“, известува „Лос Анџелес Тајмс“ како кажува, „едноставно може да го заслужат само износот на нега што можат да си го дозволат“. Тој ја отфрла како „менталитет на имање право“ идејата дека секој треба да го добива истиот висок квалитет на здравствена нега. Ова е тој фален принцип на Буш на „приватна медицина“ во цела своја гадотија: не може да го добиете она што ви е потребно, туку само она за што може да платите.
Ако државното осигурување за деца не се прошири на сите семејства на кои им е потребно, не постои сомневање дека некои деца ќе умрат – можеби страдајќи, а сигурно непотребно. Но, барем ќе умрат за принцип.